Занимливости

Стравот е состојба на загрозеност, свесно или несвесно, од познати или непознати причини. Фобиите се вкоренети стравови, обично прекумерни и неосновани, кои секогаш се појавуваат заедно со очекувана ситуација. Како луѓето, така и кучињата кога се уплашени, се наоѓаат во вечната дилема – да побегнат или да се соочат со стравот?

strav1
Покрај страв и фобија, кучињата може да чувствуваат паника или вознемиреност. Анксиозноста е различна од стравот по тоа што е непознат предизвикувачот на плашливост и постојаното очекување дека нешто лошо ќе се случи. Паниката е интензивен страв, кој го става кучето во ситуација во која реагира без многу размислување, но сето тоа се сведува на слоганот "борба или бегство".

Една неодамнешна студија покажала дека околу 20% од животните, освен анксиозност и агресивност, покажуваат и некои други симптоми кои се поврзани со претходно споменатите форми на страв.
Сепарационата анксиозност е резултат на ненадејно и предвремено одвојување на кутрето од мајката, па тоа може да порасне во куче, кое тешко го прифаќа останувањето само во куќата.

strav2
Фактори кои влијаат на појава на стравови се:

ГЕНЕТСКИ ФАКТОРИ: Постои тврдење дека најмалку едно кученце од секое легло има проблем поврзан со страв. Во зависност од расата, понатамошното воспитување, и животното искуство, интензитетот на стравот варира.

РАНО ТРАУМАТСКО ИСКУСТВО: Страв како резултат на трауматски настан што се случил во детството. На пример, ако кученцето пораснало во куќа каде децата го малтретирале, поголема е веројатноста дека нема да им биде приврзан на деца или на нив ќе 'ржи, лае или само ќе се тресе во нивно присуство. Се разбира, со напор, овој страв може да се намали или целосно да се елиминира.

УСКРАТЕНИ ИСКУСТВА: Кучето како мало и за време на созревањето доколку не се дружело со други животни има поголем потенцијал кога ќе порасне да биде асоцијално. Исто така, ако не се возело со автомобил како мало, кога ќе порасне тешко ќе поднесува возење со автомобил.

Дека животното се плаши, не е тешко да се препознае, но ние ќе наведеме неколку индикатори за да можете да утврдите дали вашето куче е "плашливец": отсутен поглед, трепет, уши видливо свиени надоле, накострешени влакна, грб свиткан во лак, свиена опашка меѓу нозете, цвилење, криење зад мебел или нозете на сопственикот ...
Сепак најекстремен показател на страв е таканаречената каталепсија – кучето не е во состојба да се помрдне, односно се “замрзнува од страв”.

strav3