Мој Ветеринар

Купувањето или вдомувањето мачка не треба да биде импулсивна одлука, колку и да ви се чини слатко и неодоливо малото крзнено топче.

Бидете сигурни дека можете и сакате да се грижите за новиот член на семејството.

13261923 f520

Ако досега не сте чувале мачка, најпрво подгответе се и бидете сигурни дека можете и сакате да се грижите за новиот член на семејството. Миленичето е токму тоа, и откако еднаш ќе ја преземете обврската, неприфатливо е да се откажете од него затоа што ви здодеало или затоа што сте си ги прецениле желбите и можностите.

Купувајте квалитетна храна
Само затоа што храната е евтина, не значи дека е добра за вашата мачка. Проверете ги состојките и бидете сигурни дека е богата со протеини, а сиромашна со јаглехидрати. Недостигот на потребните хранливи материи и големото количество шеќери може да предизвикаат цела низа здравствени проблеми и прекумерно дебелеење кај мачките.

Сопствениците често се жалат на состојби како мека столица, засилено опаѓање на влакното, проблеми со бубрезите, хипертироидизам, повраќање и уринарни инфекции како резултат од изборот на неквалитетна храна.

68faf259bd329f4aa82702b913bdcd96

Не прејадувајте го мачето
Нема потреба да се грижите дека вашата мачка ќе остане гладна и поради тоа секогаш да ѝ го преполнувате чиничето или да го дополнувате само што ќе се испразни. Мачките со вишок килограми имаат проблем со тежината едноставно затоа што храната им е секогаш достапна. Читајте ги упатствата за употреба на храната што сте ја одбрале и заедно со вашиот ветеринар одредете го точното количество што ѝ е потребно на вашата мачка.
Дебелината може да биде сериозен проблем кај милениците.

Песокот се чисти секој ден
Спротивно на популарното верување, не секоја мачка е родена со инстинкт да употребува кутија со песок односно тоалет, а скитниците или дивите мачки можно е воопшто да не се запознаени со оваа „цивилизациска“ практика. На некои мачки може да им е потребен тренинг за да го поврзат исфрлањето на изметот со одредената локација, а други може да избегнуваат да ја користат кутијата со песок поради други причини. Соработувајте со вашиот ветеринар за да исклучите евентуални здравствени или воспитни проблеми и почнете со тренингот.

Освен тоа, мачките се многу чисти животни и бараат чиста околина каде што ќе го исфрлат изметот. И вие најверојатно би го затвориле носот со прсти доколку вашиот измет остане во тоалетот со денови или недели и, како и мачката, ќе побарате друго, чисто место за да си ја завршите работата.

Значи, чистете го песокот секој ден, а менувајте го со сосема нов еднаш неделно. Драстични промени во типот песок што го употребувате може да ја изненадат вашата мачка, па пробајте постепено да ја запознаете со новиот мирис или текстура. И мачката и гостите ќе ви бидат благодарни.

Стерилизацијата е неопходна
Потребна е само една екскурзија за по девет недели вашето крзнено пријателче да ви приреди изненадување со едно купче мачиња. Сите ќе се согласиме дека мачињата се многу слатки, но доколку немате можности да обезбедите соодветна нега или вдомување за сите нив, вие придонесувате за проблемот на бездомните животни.

Направете си услуга себеси и на вашата мачка услуга и стерилизирајте ја. Мачките може да забременат уште на возраст од 4 до 6 месеци, па не одложувајте и договорете ја процедурата со вашиот ветеринар.

Превенцијата од паразити е клучна
Прочистување од паразити
Има многу штетници што ги напаѓаат мачките, па затоа превенцијата е клучна. Многу сопственици се запознаени со болвите, но и штетници како тении, глисти, вошки, крлежи и други може да ги нападнат мачките. Можностите за третман на некои од овие се ограничени и може да претставуваат смртна пресуда за мачките. Други може да се пренесат на луѓе, па разговарајте со вашиот ветеринар за превентивна грижа, врз основа на местото на живеење и навиките на вашата мачка (домашна наспроти дворска).

Канџите мора да се одржуваат
Канџите на мачките се остри и можат да пораснат до должини што предизвикуваат болка доколку тие немаат место за гребење или ако не практикувате редовно кратење. Ова може да биде болно за мачката, па и за вас, па затоа најдобро е да воведете режим за нивно одржување што е можно порано. Повеќето мачки не сакаат да им се сечат ноктите, но најдобар успех ќе имате ако претходно низ игра ја уморите мачката или веднаш откако ќе се разбуди. Пожелно е брзо да ја завршите целата работа многу помага, но внимавајте да не го закачите нервот.

За одржување на канџите се потребни само неколку минути во текот на неделата. Доколку вашата мачка особено дава отпор, побарајте помош од вашиот ветеринар.

Вакцинирајте ја
Вакцинацијата е неопходна за здравјето на вашата мачка, особено ако доаѓа во контакт со надворешната средина и со други животни. Редовната вакцинација на мачките опфаќа вакцина и ревакцина, а потоа годишна вакцинација во текот на целиот живот.

Првата вакцина се дава на возраст меѓу девет и дванаесет недели, со ревакцина за четири недели. Во текот на седум дена по ревакцината, мачињата не треба да се бањаат ниту да бидат во контакт со други животни. Ако мачето веќе има повеќе од 12 недели, однесете го на вакцинација најрано што можете. Ревакцината ќе ја прими за повторно 4 недели.
По четири недели од ревакцината, се дава и вакцина против беснило, без ревакцина, а понатаму се спроведува вакцинација еднаш годишно.

Мр.ДВМ Јасминка ван дер Флиер