Мој Ветеринар

Без разлика колку ги сакаме нашите миленици, митарењето може да биде фрустрирачко за сите нас. Хаосот од кучешки влакна на сите страни е доволен за да ги полуди нивните сопственици.

Влакната на пудлите имаат долг животен век, па затоа митарењето кај нив е со послаб интенизитет.

pudla1

Сите кучиња се митарат до одреден степен, со исклучок на расите што се целосно без влакна. Некои раси, т.н.хипоалергенски кучиња, се митарат многу малку, но за други, главно расите со тешко дебело крзно, важи сосема спротивното.
Сите животни со влакна ги менуваат влакната постојано. Ова е дел од природниот животен циклус на влакното внатре во фоликулите. Сите влакна поминуваат низ фазите на растење и отпаѓање. Фазите влијаат на интензитетот на растење на влакното и варираат во зависност од расата, возраста, хормоните, околината и целокупната здравствена состојба на кучето. Овие фактори, исто така, придонесуваат за оформувањето, должината и текстурата на влакното, иако генетиката е доминантен фактор.
Кучињата на кои постојано им растат влакната, како пудли и јоркширски териери, имаат влакна со подолг животен век, па затоа тие се митарат многу малку. Од друга страна, кучиња како лабрадори и хаски, имаат влакна со многу пократок животен век и многу побујно крзно, што резултира со засилено митарење.
Сезона на митарење
Повеќето кучиња главно се митарат поинтензивно напролет и наесен. Кучињата, освен примарните влакна, имаат и секундарни, кои се пократки и помеки. Сезонското митарење настанува како резултат од промена на температурата. Кога времето ќе се стопли, кучињата го отфрлаат зимското крзно за да направат место за полесното летно влакно. За потоа, кога времето повторно ќе залади, кучињата го отфрлаат лесното летно влакно, а на негово место расте погусто, дебело зимско влакно. Температурните промени немаат исто влијание на сите видови крзно. На пример, кучињата од расата ши цу имаат многу малку секундарно влакно и затоа се митарат многу малку во сезоната на митарење, додека њуфаундлендскиот пес и маламут, кои имаат тешко и густо секундарно влакно се митарат многу позабележливо.
alaskamalamut
Расите што имаат бујно крзно повеќе се митарат
Други причини за митарење
Здравствената состојба на вашето куче може да влијае врз интензитетот на митарење, па затоа важно е да се забележат сите необјаснети засилени митарења.Проблеми со кожата, ендокрини болести, недостатоци на витамини или на хранливи материи и други метаболички нарушувања може да предизвикаат опаѓање на влакната или промена во брзината на растење на влакната. Важно е да го контактирате вашиот ветеринар доколку сте загрижени за степенот на опаѓање на влакната кај вашето куче. Одржувајте го вашето куче здраво со рутински посети на ветеринар и правилна исхрана. Веднаш реагирајте доколку забележите сомнителни знаци.
Контрола над митарењето
Не постои начин како целосно да се запре митарењето. Тоа е процес што е добар за здравјето и е неопходен за сите кучиња. Бричење е лоша идеја, затоа што ќе го наруши природниот механизам на кучето за самоладење и самозатоплување. На долгорочен план нема да го намали митарењето. Клучот за да спречите појава на засилено митарење е да држите чекор со него. Рутинско одржување на влакното е неопходно. Четкање или чешлање на вашето куче помага да се отстранат мртвите влакна пред да паднат на вашиот тепих, постелнина или облека. Тоа спречува мртвите влакна да се заплеткаат и да формираат јазли што можат и да ја оштетат кожата. Четкање, исто така, овозможува природната маст што ја создава кожата рамномерно да се распореди по крзното.
Brushing
Четкањето го намалува бројот на влакна на тепихот, мебелот и на облеката
Нема сомневање, митарењето прави неред во домот. Како сопственик на куче, најверојатно веќе сте се помириле со фактот дека редовното чистење на станот е неопходно, особено во сезона на митарење. Клучот е да се отстранат влакната пред да се залепат за тепихот или за облеката. Чување лента со селотејп при рака за во текот на денот, за да можете да ги отстраните влакната што ќе ги забележите, е добар начин за справување со проблемот. За подлабоко чистење на облека или на помали простори, можете да употребите рачна правосмукалка наменета за собирање на влакна.


М-р ДВМ Јасминка ван дер Флиер