Совети

Директното изложување на сонце при високи температури кај домашните миленичиња може да предизвика сончаница која може да има и смртни последици. Кучињата и мачките не ја регулираат телесната температура со потење како луѓето, туку со испарување преку забрзано дишење. Движењето на воздухот низ влажниот јазик го зголемува испарувањето на топлиот воздух и на тој начин се регулира телесната температура. 

Доколку миленикот се најде во средина која е влажна и топла предизвикана од атмосверски колебања може да се доведе во состојба на топлотен удар. Како за сончаницата така и за топлотниот удар заедничко е прегревањето на организмот. Како резултат на директното делување на сонцето при високи температури и зголемената влажност настанува хиперемија на мозокот и мозочните овојници при што доаѓа до пореметување на функциите за регулација на температурата, дишењето и крвотокот.

dog umbrella

Прегревање на организмот може да се јави кај оние домашни миленици кои се оставени на отворен простор на влажно и топло време без сенка и вода, при трчање со куче на влажно и топло време дури и ако има вода на располагање, како и оставањето на миленикот во автомобил дури и со подотворен прозор. Најчести симптоми на прегревање се забрзано и отежнато дишење и температура од 40 С до 42,5 С. Светло црвена боја на јазикот и непцата и густа и леплива плунка. По влошување на состојбата лигавиците се обојуваат во темносина или сива боја. Изразена слабост и зашеметеност која ја следи повраќање и диареа кои можат да бидат крвави. На крај се јавува шок, кома и смрт. Во случај на прегревање миленикот треба веднаш да се тргне под сенка или во проветрена просторија. Се лади со вода по главата, вратот и стомакот. По оваа постапка неопходен е преглед од ветеринар за утврдување на евентуалните пореметувања кои можат да настанат како резултат на хипертермијата. Милениците со умерена хипертермија најчесто се опоравуваат без последици по нивното здравје. Подолготрајните хипертермии можат да оштетат некои органи при што ќе биде неопходна посебна исхрана препишана од ветеринар