Совети

Летото речиси за сите е најубавиот дел од годината, особено деновите наменети за одмор, рекреирање и за шетање. Но, како треба да постапувате со домашните миленици, доколку прв пат планирате и нов да ги земете на одмор?
Ова е добро прашање, зашто не е убаво својот најдобар пријател да го оставите дома, на друго место некој друг да се грижи за него, додека вие спокојно го минувате одморот. Немате искуство со патување со домашно милениче, но донесувате одлука да го земете со вас. 

Внимавајте не е доволно само да го ставите кучето или мачката на задните седишта и да мислите дека со тоа сте го решиле проблемот. Сепак, со подготовки патувањето може да го претворите во уживање и да поминете пријатни моменти со вашиот миленик. Животното треба да биде сместено на сигурно и на место кадешто има добро проветрување. За таа цел мора да набавите кафез, доволно удобен за миленичето. Најдобар кафез за патување е оној во кој животното ќе може слободно да стои, да седи, да лежи и да се превртува. Почнете со тоа што одвреме-навреме ќе го ставате вашето милениче во кафезот за да добие некаква навика. Обидете се да појдете на излет со него, да се навикне на возењето и на автомобилот. Времето на патувањето постепено зголемувајте го, со цел животното што подобро да се привикне на новите услови. Внимавајте кафезот да биде прицврстен за да не може да се лизга и превртува при ненадејните сопирања.
letuvanje
Добрите познавачи на домашните миленици препорачуваат хранењето да биде три-четири часа пред да се тргне на пат. Храната треба да се разликува од класичната, односно се препорачува лесна. Ова најмногу важи за мачињата и за кучињата, но и за другите. Воопшто не се препорачува да им се дава храна за време на патувањето – тоа може лесно да им предизвика мачнина.

При патувањето ќе мора да правите чести одмори и тоа на места со сенки, бидејќи тие многу повеќе се чувствителни на температурни промени од луѓето. Застанувањето секогаш треба да се комбинира со прошетки, но ако кучето, на пример, не сака да шета, тогаш не настојувајте. Никогаш не го оставајте својот миленик сам во автомобилот, иако прозорците се отворени. Високите температури во летните месеци можат лесно да предизвикаат топлотен удар. Температурата на воздухот во автомобилот е околу 15 степени повисока од надворешната, а таквите услови можат да бидат фатални за домашните миленици. Слично е и во зимските месеци, само што тогаш животните се смрзнуваат.
Како што правите список што ќе понесете за себе на патувањето, тоа треба да го направите и за „сопатникот“. Први на списокот се лековите и заштитните средства, потоа храната и, секако, не заборавајте да ги земете неговата најомилена играчка, ќебе, перниче и слично. Со нив кучето ќе се чувствува посигурно и релаксирано. И на крај, секое милениче мора да има околу вратот или ногата некој предмет на кој ќе бидат испишани вашата адреса и телефонскиот број. Во новата средина каде што ќе го минувате одморот, кучето може лесно да се изгуби, и затоа треба да носи нешто што ќе упатува на вашето место за престој.
Често при патувањата гледаме како на отворениот прозорец се појавува главата на кучето. Тие не поднесуваат високи температури и за нив тоа е уживање, но, сепак, не практикувајте така да возите. Инсектите можат да ги повредат, најчесто во очите.
Како што луѓето се чувствителни на промени, така истото тоа се случува и со животните. Затоа внимавајте со водата, бидејќи често домашните миленици имаат проблеми со стомакот поради водата во местото каде што престојувате.
Домашните миленици се речиси исти како и луѓето, само што тие сами не можат да си го подготват тоа што им е потребно за одмор. Затоа тука сте вие да им помогнете – како што правите список на работи потребни за својот одмор, направете листа и на потребите на вашето милениче и дури потоа седнете зад управувачот.
Кога водите миленик на патување во друга држава се препорачува носење уверение за здравствената состојба и вакцинирање против беснило, што може да се добие кај вашиот ветеринар. Добро е да имате и фотографија од вашиот миленик, ако се загуби да можете полесно да го барате, да ја покажувате фотографијата на други луѓе.