Совети

Ред сонце, ред дожд, висока трева, влажна земја, сето тоа им годи на крлежите. Напоредно со тоа почнува и митарењето на кучињата. Тоа е целосно очекуван физиолошки процес кој на сопствениците не треба да им создава паника, но се препорачува поголема грижа за домашното милениче, како би му се олеснил овој период на миленикот.

За да се спречат можните компликации од акумулација на влакна во цревата на животните, бидејќи тие и самите се лижат, потребно е редовно да се четкаат. Четкањето на влакната не треба да трае подолго од пет минути, по што се препорачува награда, односно оброк. На овој начин му се намалува стресот на миленичето.

Покрај митарењето на пролет почнува и редовната борба против крлежите кои нестрпливо чекаат свој нов домаќин.

dog rolling in grass1

Четкањето по игра во природа спречува многу компликации. Проблемот со крлежите не треба да се потценува, бидејќи тие се еднаква опасност за домашниот миленик и за неговиот сопственик. Во овој случај, може да се каже дека превенцијата е поважна од самата терапија.

Превенцијата ја сочинуваат три вида на производи. Тука спаѓаат околувратници, капки и прашоци кои може да се купат во ветеринарни аптеки или пет шопови. Иако има битно дејство, сепак најмалку делотворен против крлежите е прашокот. Тој се употребува кај млади животни кај кои неможе веднаш да се употребуваат капки или околувратници.

Доколку околувратникот е на билна база, како што е масло од еукалиптус, воглавно може да се користи и кај млади кучиња. Околувратниците се делат на такви што ги одбиваат и такви што ги убиваат крлежите. Овие производи освен од крлежи, ќе го заштитат вашиот миленик и од болви. Сопственикот ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да го прочита упатството за употреба на секој производ, за да се увери дека е соодветен за возраста на миленикот, намената и рокот на траење.

Доколу превенцијата ве изневери, бидејќи заштитата не значи потполна сигурност, не паничете. Не секој крлеж е инфициран и не мора да предизвика заболување. Доколку кучето има крлеж, надгледувајте го. Внимавајте на сиптомите кои укажуваат на заболување, како што се висока температура, летаргичност, зголемена жед, темна боја на мокрачата или бледа боја на слузокожата на непцата. Доколку приметите некој од овие сиптоми, клучно е да се обратите на ветеринар во рок од 48 часа. Доколку сте решиле сами да го отстраните крлежот, потребно е да го фатите што поблиску до кожата и да го свртите спротивно од стрелките на часовникот.