Совети

Температурите во цела земја веќе почнаа да се симнуваат под нулата, а снегот се појави на повеќе места. Децата се радуваат, а возрасните трчаат по нив да им облечат уште по некој слој облека бидејќи надвор е навистина многу ладно. Но, кој да се грижи за напуштените и осамени животни, чие крзно не е ни доволно за да се затоплат?

Тие се гладни, жедни и премрзнати на ова време, немаат каде да се сокријат ниту да се затоплат. Додека вие ова го читате, нивните стомачиња се празни и може и да не го доживеат утрешниот ден. Истите ги гледате насекаде, буквално ви се пред носот. Време е да им помогнете!

zima3

Отворете ја вратата од влезот

Нема да ве гризнат, ниту да ви пренесат некоја болест, ниту пак ќе ви го извалка влезот ако им дозволите да преспијат на картон во вашиот влез. Всушност, замислете дека сте сами баш на тој студен ден и сте го заборавиле клучот од станот, па морате со часови да чекате пред влезот.

Правењето Снешко е забавно, но исто така позабавно и похумано е правење куќи за напуштени животни

Организирајте се со пријатели или членови на вашето семејство и направете куќички за животни од стари даски, стиропор, јоргани, крпи, слама и други материјали кои ви се непотребни. Ако немате време да се посветите на ова, дури и една картонска кутија ќе биде доволна за некои животни, која ќе ја сместите на место каде што нема снег. Животните ќе ви бидат благодарни, а вашите деца ќе научат да им помагаат на другите. Ако го фотографирате вашето добро дело и го објавите на социјалните мрежи, ќе им дадете одлична идеја и на вашите пријатели.

zima1

Една рака храна и чинија топла вода, може да биде спас во последен час

Од празничните трпези сигурно ви останало многу храна, па уште сега ѕирнете во фрижидерот и одвојте нешто што сигурно нема да го изедете. Земете две пластични чинии во кои ќе ставете топла вода и храната која сте ја намениле за животните и оставете ги пред куќата или зградата. Ако се брзате, поминете до продавница и купете конзервирана храна за мачки и кучиња или некоја сува храна која ќе ја оставите на некое место каде што е покриено.

Не се загрозени само кучињата и мачињата, туку и птиците

Ставете храна за птици или трошки во пластични чинии, тацна или што и да ви изгледа како добра опција и оставете ги на прозорците, терасите или на некое дрво. Ќе забележете дека чинијата веднаш ќе се испразни.

zima2
Ако од секогаш сте сакале да вдомите некое животно, верувајте дека сега е вистинскиот момент. Спасете некое животно од ладното и овозможете му топол дом. Однесете го на ветеринар, вакцинирајте го, избањајте го и подгответе му топол оброк. Тоа ќе ве сака повеќе од сè на светот!

М-р ДВМ Јасминка ван дер Флиер