Совети

Милениците треба да се чуваат во суви и топли живеалишта
Неподготвеноста за зимскиот период сериозно може да го влоши здравјето на миленичињата
Временските услови во овој период од годината може да го нарушат здравјето на вашите домашни миленици.

zimskisoveti

Умерено топлиот ден и релативно ладните ноќи создаваат поголема температурна скала која стресно влијае на животните.
Домашните миленици што живеат и надвор и внатре се поподложни на заболувања од тие кои се на постојана природна температура.
Внимавајте на здравјето на вашите миленици во студените денови. Играњето и шетањето не би претставувале никаков проблем, проблемот се јавува кај кучињата кои што живеат во двор,надвор.

Константното дишење на ледениот воздух и променливото време често пати се манифестира  во вид на кашлање,повишена температура па дури и бронхитис. соодветна кукича со изолација која не е на провев и облека би ја ублазиле ситуацијата.

Од особена важност за правилната грижа на милениците, особено во овој период, е да се има адекватни услови за чување.

Ако го чувате вашиот миленик во ладна и влажна просторија без вентилација, како што се гаражите, подрумите и темни простории во кои многу малку навлегува сончева светлина, тогаш може да се случи нагло да се влоши неговата здравствена состојба.

Освен сместувањето, и лошата исхрана сериозно го ослабува организмот и имунитетот. Таа дополнително ја засилува агресивноста на заболувањето.

При сериозна инвазија со паразити од родот на валчестите црви (глисти), во еден период од својот развој тие престојуваат во белите дробови и причинуваат т.н. верминозна бронхопневмонија. Од искуство, ветеринарите забележале дека кучињата што се чуваат како чувари на работилници и сервиси (автолакерски, браварски, лимарски), односно секаде каде што има ослободување на неприродни гасови, испарувања на бои и лакови, масла, хемиски материи, чад и друго, многу почесто се разболуваат од бронхопневмонија.

Постојат и други причинители на ова заболување, но најчестите имаат бактериско вирусно или габично потекло.

Сериозното нарушување на здравјето се манифестира со зголемување на телесната температура, целосно одбивање храна, апатија и целосно повлекување без интерес и желба за игра. Жедта е поизразена, а дишењето е забрзано и стомачно, со плитки издишувања и вдишувања.

Кашлањето не мора да биде зачестено, но е длабоко и не толку болно. Како одговор на организмот се јавува засилено лачење секрет од носот и во зависност од стадиумот има различна боја, жолтеникава, зелена, темнокафеава.

Бидејќи миленичињата не можат целосно да го искашлаат, поголемиот дел од секретот го голтаат, па по кус период се јавува рефлекторно повраќање на содржината на желудникот со што организмот дополнително се истоштува.

Подолготрајното кашлање, пак, може да предизвика и астма. За надминување на ваквата состојба, потребна е брза интервенција.

Лекувањето е комплексно и долго. Освен терапијата, важно е да се промени и местото на чување. Домашниот миленик мора да се чува на суво и топло место, кое е доволно проветрено и со оптимална изложеност на сончева светлина.

Исхраната треба да ја сочинуваат лесносварливи јадења од посно пилешко месо, риба, ориз, млеко и млечни производи.

Младите кучиња што се заболени од бронхопневмонија треба да внесуваат поголемо количество минерали и витамини за побрзо оздравување.