Совети

Милениците на многу идни мајки, за жал, многу често завршуваат на улица, откако многу убави совети им дале загрижени роднини, па и медицински лица од старата школа.
Тоа што душегрижниците им го кажуваат е дека е опасно да се чува мачка покрај бремена жена или покрај новороденче. Па за доброто на идното бебе, миленичето треба да се отстрани од домот. 

Да ве потсетиме, вашето бебе ќе треба да го чувате од многу работи, но нема да ги исфрлите сите потенцијални опасности од домот. Идни мајки, не дозволувајте да ви влијаат вакви маалски муабети. Ако ги знаете фактите, полесно ќе се подготвите (и ќе се заштитите) себеси и вашето новороденче, а притоа нема да се разделите од миленичето и истовремено ќе го заштитите и него.
Заштитете се од токсоплазмоза.
7037672-funny-cat-and-baby-pictures
Паразитската инфекција токсоплазмоза е можеби најголемиот страв на сите бремени жени што чуваат мачки. Може да доведе до спонтан абортус, смрт при раѓањето или до дефекти на фетусот како слепило, глувост, хидроцефалус или епилепсија.
Мачките може да се инфицираат со овој паразит јадејќи мали цицачи или птици. Оттука, најдобро е вашата мачка да ја чувате дома. Бременоста не е добар период да вдомувате улични мачки, ниту да имате контакт со нив, бидејќи може да се веќе инфицирани.
Не хранете ја мачката со термички необработено месо.
Цистите на токсоплазмозата се расејуваат преку изметот на инфицираното животно. Со оглед на тоа што мачките често ги користат дворовите како тоалет, секогаш носете ракавици кога ги уредувате цвеќињата, кога миете овошје или зеленчук и кога ракувате со сурово месо…
Исто така, не допирајте ги очите пред да ги измиете рацете. Не јадете и не хранете ја вашата мачка со сурово или термички нецелосно обработено месо. За да спречите натамошно расејување со евентуалните цисти што се нашле во изметот на мачката, чистете го песокот барем двапати дневно. Уште подобро, искористете ја својата блажена состојба како изговор, па вашиот партнер нека ја преземе таа обврска.
Подгответе ја мачката за вашето новороденче
Некои мачки тешко прифаќаат промена. Таквите најверојатно ќе бидат погодени од доаѓањето на бебето, па искористете го периодот на бременоста за полека да ги подготвите. Пуштајте им снимки од бебешки звуци, за да не ги слушнат првпат дури кога бебето ќе се роди. Мачкајте ги рацете со бебешки лосион пред да ја погалите мачката, за да создадете позитивна асоцијација со бебето.
Поставете го бебешкиот мебел порано и дозволете ѝ на мачката еден период да го истражува. Нека ги издушка површината за преповивање, лулката/креветчето и количката, за да види дека нема таму ништо страшно ниту посебно (не плашете се од влакната). Сепак, не дозволувајте ѝ да се чувствува премногу удобно, на пример, да посака да дремне во нив.
Дозволете ѝ на мачката да го истражи бебешкиот мебел, но научете ја дека тоа не е нејзина територија.
Потоа, барем еден месец пред да стигне бебето, престанете да ја пуштате мачката на овие површини, за да не мисли дека се нејзина територија. Поставете картони на површината на секој од предметите врз кои не сакате мачката да шета и обложете ги со леплива лента. Мачките избегнуваат лепливи површини и до крајот на месецот, вашето милениче ќе престане да се качува во реквизитите наменети за бебето.
Ако кутијата со песок сте ја чувале во или во близина на просторот што сега ќе биде наменет за бебето, почнете неколку месеци пред тоа да се роди да ја поместувате по неколку сантиметри дневно, сѐ додека не ја донесете до нејзиното ново место. Доколку ја преместите пребрзо, мачката може да продолжи да си ја врши работата на старото место, независно што песокот повеќе не е таму. Можете да ја одвратите со тоа што ќе поставите некој друг предмет, можеби со специфичен мирис, на тоа место.
Рутинската грижа за мачката што треба да премине од мајката на таткото по доаѓањето на бебето е промена што треба да се направи неколку месеци пред породувањето. Тука може да се вклучени хранењето, чешлањето, играњето и спиењето. На пример, ако досега мачката спиела во вашиот кревет во спалната, со време навикнете ја дека повеќе нема да може да го прави тоа. Оставете ѝ ќебенце што го има вашиот мирис или мирисот на партнерот во друга соба. Неколку дена таа ќе мјаука и ќе бара да ја пуштите внатре, но наскоро ќе се откаже и ќе ја прифати промената. Важно е тоа да го направите порано, за да не ја поврзува таа промена со доаѓањето на бебето и да не манифестира љубомора. Ако, пак, и досега сте ги делеле обврските околу негата на мачката, промената ќе помине незабележено.
Нека го запознае новиот член на семејството.
Кога првпат ќе стигнете дома од болница, мирно поздравете ја мачката во тивка соба, без некој да ве прекинува. Неколку минути по повторната средба, пуштете ги сите други во собата – таткото, бебето, бабите и дедовците, тета, чичо, вујче… Освен ако мачката не е одлично социјализирана, таа ќе избега и ќе се скрие. Откако ќе стивне метежот, ќе се прикраде назад.
Дозволете ѝ на мачката да пријде до бебето, секако, под ваш надзор.
Наместете употребено ќебенце или носена бебешка облека во тивок дел од домот каде што мачката ќе може да ги истражува. Кога го пресоблекувате бебето, дозволете ѝ на мачката да се приближи и да ги испита нештата. Ако ве следи во собата на бебето во време за спиење, внимавајте да не скокне во лулката.
Апсолутна глупост е тврдењето дека „мачките го исмукуваат воздухот од белите дробови на бебињата“. Вистината зад оваа бабина деветина е дека новороденчето на почетокот не може само да се врти, дури ни да ја сврти главата, па мачката што бара топлина, ако реши да се гали во близина на главата на бебето, може да му го отежне дишењето. Затворете ја вратата од собата кога бебето спие или ако спие некаде каде што нема врата, не оставајте го без надзор. Можете и да наместите заштитни мрежи над лулката/креветчето. Тоа ќе ја спречи мачката и да уринира врз нив, нешто што ќе го направи ако е под голем стрес.
А додека бебето безбедно спие, пронајдете малку време и за мачката, нека не се чувствува запоставена. Ќе видите, набрзо ќе сфати дека бебето не ја загрозува, а штом тоа ќе потпорасне, ќе најде уште едно пријателско лице во домот.

 

Мсц ДВМ Јасминка ван дер Флиер