Featured

dog-heat-stroke
Животните, како и луѓето, можат да боледуваат од два вида на проблеми предизвикани од високи температури- топлотен удар, кој е последица на долготраен престој на животното во затворени непроветрени простории, и сончаница, која е последица на непосредна изложеност на сончевите зраци.
Во обата случаја исходот може да биде трагичен доколку не се реагира навреме.
На животните кои живеат на улица (кучиња, мачки, птици) можеме да им помогнеме така што ќе им обезбедиме свежа вода на статично засенчено место за брзо да не се загрее.

Би било пожелно водата да се менува што почесто и постојано да им биде достапна на птиците, како и на напуштените кучиња и мачки, а со тоа би се спречиле евентуалните напади на луѓе кои настануваат како последица на голема жед.
Сопствениците на кучиња, кои своите миленици ги држат во двор, треба да им обезбедат на животните слободно движење, а доколку ги држат врзани на синџир задолжително да проверат дали должината на синџирот одговара на пропишаната, односно дали дава можност за засолнување од сонцето.
Сопствениците на кучиња би требало редовно да ги проветруваат и разладуваат покривите и куќичките за кучиња, задолжително да ја проверат исправноста (и да избегнуваат давање) на храна богата со протеини, оти е лесна за расипување, и да ја држат храната наменета за милениците во фрижидер, правовремено да ги острижат долговлакнестите љубимци и да водат сметка за нивната хигиена.
Исто така, сопствениците треба да избегнуваат изведување на куче на шетање на сонце и асфалт, поради појава на топлотен стрес, односно сончаница, но и можност од оштетување на слузокожата на очите и дишните органи.
Влијанијата од високите температури врз организмот настануваат од директно изложување на сончево зрачење, при што доаѓа до загревање на главата, мозокот и мозочните обвивки - сончаница. Топлотен удар е прегревање на организмот што настанува како последица од неможност од разладување (престојување во затворени простории, автомобили или влажни места).
Кучињата и мачките немаат потни жлезди и поради тоа ја ослободуваат топлината од организмот само преку издишувањето од белите дробови. Од таа причина домашните миленичиња не сакаат да се изложуваат на екстремно високи температури. Сите животни барајќи ладовина, стануваат пасивни преку целиот ден и ги намалуваат сите активности - го губат апетитот и имаат зголемена потреба за поголемо количество вода. По долготрајното изложување на сонце, престојувањето во простории што се влажни и топли може да бидат трагични за животот.
Миленичињата треба да ги шетате само во раните утрински часови или навечер. Кучињата може да се разладат со туширање или ако ги полевате со умерено ладна вода по главата, вратот и шепите. Младите кутриња се поиздржливи на повисоки температури, но не смеете да дозволите да заспијат на сонце. Ако патувате со автомобил, треба да внимавате на четириножното милениче - почесто да застанувате и да правите кратки паузи во сенка, со освежување со вода.

Kако треба да реагира сопственикот?

Кога температурата на организмот се зголемува под влијание на надворешната температура, организмот преку хипервентилација се обидува да се ослободи од температурата. Поради неможност на белите дробови да се ослободат од топлината настанува критичен момент, кој се карактеризира со бурна реакција - крвниот притисок паѓа, доаѓа до колапс на срцето и белите дробови, при што се оштетуваат некои мозочни функции. Симптомите на топлотен удар се тресење, висока температура (42 до 45 Ц), грчење на мускулатурата, повраќање и сл. Поради ваквата клиничка слика сопствениците на домашните миленичиња честопати ги фаќа паника и една од најважните постапки е правилната реакција.

Сопственикот треба да го однесе кучето во сенка, а главата да му ја крене повисоко. Треба да го легне на страна и да го разлади со ладна вода, а потоа итно да побара стручна помош. Шансите за спас на вашето милениче зависат од времетраењето на изложување на сонце, староста и здравствените проблеми, како и од присебноста на реакцијата на сопственикот.

Луѓето што чуваат птици во домот треба да знаат дека и тие се осетливи на топлина. Затоа местото каде што ги оставаат кафезите со птиците не смее да биде изложено на сонце. Најчесто во кафези се чуваат папагалите и канаринците. Во екстремно топли услови, птиците треба да се разладуваат со воден распрскувач.Телесната температура кај птиците е повисока отколку кај цицачите (41 до 43 Ц).Тие исто не се потат, а хипервентилацијата ја регулираат преку дишење со отворен клун, мавтање на крилата и разладување со вода.